„ОПШТИНА ГАЗИ БАБА“


Општина Гази баба се наоѓа во северниот дел на земјава и се простира во источниот дел од скопската котлина и градот Скопје. Поголемиот дел од територијата во централниот, југозападниот и јужниот дел се наоѓа во рамница под обработлива површина (65% од вкупната територија) со неколку височини, во северниот дел од општината кај паркот шума Гази Баба и во централниот дел во месноста Камник, и планински дел (Скопска Црна Гора) во источниот дел од општината. Се граничи со скопските општините: на север со Бутел и Чаир, на запад со Центар и Аеродром, на југ со Илинден и Петровец, и на исток со Арачиново и Липково. Пречникот на простирање на Општината исток-запад изнесува 10 км, а север-југ 15 км.
Површина: 92км2, голем дел од таа површина припаѓа на руралниот дел од општината, со 65% обработливо земјиште од вкупното земјиште на територијата на Општина Гази Баба.
Просторот на кој се протега општината, со своите географски и стратешки обележја, се среќава низ речиси сите епохи.
Откривањето на археолошкото наоѓалиште “Тумба Маџари” од младото камено време (неолит), укажува на фактот дека на овие простори се живеело и се творело од самиот почеток на човештвото. Од наодите откриени во населбата се истакнуваат керамички модели на куќи оформени во вид на фигура на жена, кои во современото живеење на Општина Гази Баба стануваат дел од идентитетот и симболите на општината.
Името на Општина Гази Баба доаѓа од тогаш познатиот османлиски поет Ашик Челеби – Гази Баба кој живеел во периодот на 14 век.
Подоцна низ вековите, територијата на која се протега денешната општина била препознатлива и како место кое изобилува со верски објекти и богати извори на вода.
Од современата историја на Општина Гази Баба за одбележување е повторното нејзино формирање на 3 ноември 1976 година, со што станува конститутивна организациона единица на градот Скопје. Од тогаш тој ден претставува патронен празник на општината.
Со осамостојувањето на Република Македонија Општина Гази Баба станува дел од главниот град на Републиката и негова комуникациска и сообраќајна порта.
Општина Гази Баба е најголемата индустриска зона на градот Скопје и Република Северна Македонија и на нејзина територија се создава третина од општествениот производ на државата.
Бруто домашниот производ по жител изнесува 11.964 USD (според попис од 2002г.). Квалитетно земјиште, поволна сообраќајна положба и вкупна комунална инфраструктура, стручна работна сила, научни, образовни, здравствени и други институции, потоа традиција во одвивање на одделни дејности, како и големината и квалитетот на економската структура, се битни потенцијали во развојната стратегија на Општина Гази Баба како дел од градот Скопје.

zaednoophstinagazibabapodweb